Петра Квитова не успеа да стигне до својот трет грен-слем трофеј во кариерата, но чешката тенисерка на церемонијата при доделувањето на пехарите блескаше од гордост. А зошто да не ако се земе во предвид нејзината кариера во последните две години, откако во декември 2016 година таа беше нападната во нејзиниот дом во Чешка, здобивајќи се со повреда на левата рака по што постоеше сериозна опасност Квитова повеќе да не заигра тенис.
Упорноста и желбата сепак беа посилни од се, чешката тенисерка не само што успеа да се врати на терените, туку и повторно стигна до топ-формата со која атакуваше на трофеи на сите турнири на кои учествуваше.
„Минав низ толку многу работи, работи што не ги посакувам никому. Како што веќе реков, не знаев дали повторно ќе можам да држам рекет за да играм тенис, а денеска играв гранслем финале. Секако дека сум горда. Сакав да го кренам големиот пехар, нема сомнеж околу тоа, но јас мојот најважен меч го добив пред две години. Се чувствувам одлично, играм тенис најдобро што знам… не можам да посакам ништо повеќе“ – изјави Квитова, која со денешната победа се искачи на второто место на ВТА-листата, зад Наоми Осака.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА