На Ѓоковиќ не му оди во Америка, елиминиран и во Мајами

Тенисерот број еден во светот, Новак Ѓоковиќ доживеа уште една изненадувачка елиминација на Мастерс турнирите. За него заврши турнирот во Мајами откако во осминафиналната пресметка беше поразен со 2-1 во сетови од Роберто Баутиста Агут.

Шпанскиот тенисер се врати во мечот иако во воведниот сет освои само еден гем. Потоа вториот сет го доби со 7-5, а во третиот беше поубедлив и го заврши со 6-3. На Агут добро влијаеше паузата поради дожд во вториот сет, по неа тој тргна кон пресвртот. За Ѓоковиќ ова е втор пораз од Агут годинава, од него загуби и во Катар во јануари.

За Ѓоковиќ кој има пет титули во Мајами, ова беше првпат на овој турнир да загуби меч во кој го добил првиот сет. Претходно, српскиот тенисер многу рано беше елиминиран и од Индијан Велс.

Баутиста Агут во четвртфиналето ќе игра против Џон Иснер кој забележа осминафинална победа над Кајл Едмунд од 2-0 во сетови.

Осминафиналната шема не беше комплетирана, поради прекините поради дождот, Роџер Федерер не го одигра мечот со Данил Медведев. Дуелот е презакажан за денеска, а победникот во четвртфиналето ќе се сретне со Кевин Андерсон.

 

 

Се вчитува...