Федерер царува во Мајами – „Џинот“ Иснер беше мало дете за швајцарскиот маестро

Роџер Федерер триумфираше на Мастерс-турнирот во Мајами, стигнувајќи до својата 101. титула во кариерата, откако во големото финале швајцарскиот тениски маестро го преслуша Џон Иснер со максимални 2-0 во сетови.

Американскиот „џин“ цел турнир сервираше беспрекорно, но денеска делуваше како „мало дете“ крај расположениот Федерер. Почетокот мина во апсолутна доминација на Швајцарецот, кој го доби првиот сет со 6-1 за само 24 минути игра. Во вториот Иснер посериозно се спротивстави, беше израмнето до 4-4, за потоа Федерер да направи брејк во клучните момент и да слави со конечни 6-4. Мора да се истакне и дека Американецот во вториот сет се здоби со незгодна повреда, но одигра спортски до крај, не сакајќи да го предаде ова финале.

За Федерер ова беше четврта титула во Мајами, но прва по пауза од цели 13 години.

Се вчитува...