Рафаел Надал веќе не е неприкосновен ниту на земјена подлога откако Шпанецот загуби во полуфиналето во Барселона од Доминик Тим со 0-2 во сетови (4-6, 4-6). Станува збор за еден од омилените турнири на Надал, каде тој веќе има 11 трофеи и никогаш немаше загубено пред финалето, но шпанскиот тенисер денеска потклекна пред одличниот Тим.
Првиот брејк Австриецот го направи при 2-3, што му беше доволно за да го освои првиот сет. Во идентичен момент Тим го освои сервисот на противникот и во вториот сет, осигурувајќи си огромна предност. Надал имаше можност за брејк во последниот гејм, но не успеа да возврати, па Тим заслужено се радуваше на пласман во финалето. Негов ривал утре ќе биде Медведев, кој во првиот полуфинален дуел славеше над Нишикори со 2-1 во сетови.
Со денешната победа, Доминик Тим стана само вториот тенисер во светот што четири пати во кариерата го има победено Надал на земјена подлога. Претходно тоа му има појдено од рака само на Новак Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА