Енди Мареј нема да настапи на Вимблдон?

Најдобриот британски тенисер, Енди Мареј не е сигурен дека ќе биде подготвен за настап на Вимблдон, турнир кој го освојуваше во 2013. и 2016. година. Мареј требаше да се прости од тенисот токму на својот омилен турнир, но рехабилитацијата по новата операција на колкот не тече според планот.

„Поминаа 16 седмици од операцијата и постепено почнувам да тренирам. Денеска, првпат отидов да тренирам на отворено, претходно цело време тренирав во сала. Веројатноста дека ќе настапам на Вимблдон во сингл е сведена на минимум. Во двојки можеби ќе пријавам настап. Како што реков, постои можност по Вимблдон да ја завршам кариерата. Тоа ќе се случи ако се чувствувам лошо“, изјави Енди Мареј. 

Британецот моментално се наоѓа на 218. место на АТП-листата, а последниот меч го одигра на 14. јануари на Австралија опен против Роберто Баутиста Агут.

Неговиот брат, Џејми Мареј неодамна изјави дека не планира да игра во двојки со Енди бидејќи така значително би му биле намалени шансите за освојување на трофејот.

Се вчитува...