Металург каков што навикнавме да го гледаме во последните десетина години исчезнува од мапата на ракометната елита. Падот течеше полека, тимот што играше четвртфиналиња во ЛШ одеднаш почна да се мачи во ова натпреварување. За утеха ја имаше барем СЕХА, каде играше солидно, но во последната сезона и регионалното натпреварување се покажа како кошмар во кој единствена светла точка беше избегнувањето на фенерот. Дното беше допрено на домашната сцена, откако „металурзите“ сезонава два пати беа надиграни од Работник, за губење и на местото во СЕХА за следната сезона.
Причините се како и секогаш – парите, кои од година во година ги има се помалку во „Автокоманда“. Во првиот бран си заминаа ѕвезди како Станиќ и Вугринец, надополнети со репрезентативците Мојсовски, Миркуловски, Манасков, Георгиевски… Дојде времето на Талески и Кузмановски, но и тие двајца си заминаа, првиот продаден на Рајн-Некар Левен, а вториот доби раскин на договорот – поради неисплатени плати. Тоа беше почеток на крајот, покажување на патот по кој ќе тргнат и останатите домашни играчи, очигледно изморени од лажните ветувања што ги добиваа подолго време.
Мартин Велковски речиси цела сезона беше повреден, но сега потпиша четиригодишен договор со Работник. Во Битола веќе го претставија и репрезентативецот Маџовски, а по негови стапки ќе тргне и Марио Танкоски, кој има поднесено барање за раскин на договорот како што тоа во текот на сезоната го стори и Кузмановски. Голманот Томовски се пресели во бундеслигашот Лудвигсхафен, а само прашање на ден е кога ќе се официјализира и заминвањето на Димитриоски, уште едно „дете на Металург“ кое ќе си замине од Автокоманда, овојпат со трансфер во Вардар. Мартин Серафимов е еден од ретките што ќе има валиден договор, но со секој нареден ден шансите за негово останување стануваат се помали, со оглед на се поголемиот интерес на Вардар, но и на Загреб, за десниот бек на кадетската репрезентација кој дебитираше и за сениорскиот национален тим.
Ако на сите овие македонски играчи ги додадеме и странците: Шпенде се сели во Загреб, Токиќ во Ајзенах, Пучник замина во Луксембург, клубот го напуштија и Миличевиќ и Рибеиро, јасно е дека „ремонт“ е благ збор за она што ќе му се случува на Металург во текот на летово.
Беше доведен нов тренер, Србинот Стојановиќ, кој ќе има за задача да го предводи „новиот Металург“ . Или она што ќе остане од него, бидејќи е прашање кој е следен на излезната врата од Автокоманда.
Вистинска штета за клубот кој вадеше и продолжува да вади таленти, но сега наместо кон врвот, плови кон просечноста на македонската ракометна сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА