НФЛ си ја призна грешката и сега е на позиција дека на играчите треба да им биде дозволено клекнување или други форми на искажување став за време на интонирањето на американската химна пред натпреварите. Ваквата позиција на Лигата се должи на последните случувања во САД и протестите против полициската бруталност и расизмот, а кои беа иницирани од смртта на Џорџ Флојд кој беше убиен од полицаец.
„Погрешивме што не ги слушавме играчите и што не ги храбревме да зборуваат или мирно да протестираат. Ние во НФЛ веруваме дека „животите на црните луѓе вредат“. Протестите низ државата се последица на вековното молчење. Ќе им се обратиме на играчите кои го кренаа гласот за да ги подобриме работите“ – изјави комесарот на НФЛ, Роџер Гудвел.
Најголем противник на клекнувањето за време на химната, движење кое во НФЛ го иницираше Колин Кеперник беше претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој и вчера на Твитер жестоко се спротивстави на овој потег и напиша „нема клечење“. Кеперник кој беше првиот што клекна за време на интонирањето на химната, потег кој потоа го следеа и други играчи имаше огромни проблеми во кариерата и остана без клуб. НФЛ го забрани кленувањето, а дозволи играчите да остануваат во соблекувалните за време на химната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

