Пандемијата предизвикана од коронавирусот како и во останатите спортови така и во пинг-понгот ја скрати можноста на натпреварувачите на спортските терени да покажат кој е најдобар. Пингпонгарските натпревари се прекинуваат, сезоната е завршена, но не на пингпонгарската маса туку на зелена маса. Управниот одбор на Пингпонгарската федерација ги потврди ставовите на Собранието на клубови на својата последна седница за прекин на сите натпреварувања.
Со одлуката за прекин на првенството и завршување на сезоната без прогласување на шамион за сезоната 2019/20 најмногу изгубија првопласираните четири екипи во супер лигата, Младост од Прилеп, Шампион ФА од Штип, Младост 96 од Прилеп и Работнички од Скопје, екипи кои беа речиси сигурни учесници во плеј-оф натпреварите.
„За да нема оштетени клубови, Пингпонгарската федерација заедно со Собранието на клубови донесоа одлука да нема испаѓање од лигите. Со таа цел Суперлигата за сезоната 2020/21 ќе брои десет екипи, додека сите првопласирани екипи според моменталната ситуација на табелите од регионалните лиги, следната сезона ќе се натпреваруваат во Првата лига. Со непланираното прекројување на Суперлигата во следната сезона првенството сигурно ќе биде поинтересно, бидејќи Суперлигата од сезоната 2021/22 повторно ќе брои осум екипи. Затоа интересни борби се очекуваат и за обезбедување опстанок во елитата“ – информираат од Пингпонгарската федерација на Македонија.
Поради ситуацијата предизвикана со пандемијата од коронавирусот преодниот рок место во вообичаениот термин во јуни, поместен е во периодот од 1. до 25. август.
Исто така, пандемијата со корона вирусот не дозволи и одржување на поединечните државни првенства кои на пингпонгарскиот календар беа во март. Истите се планирани да се одржат во месец септември, за кога е планиран и почетокот на новата сезона. Завршните топ турнири на кои учествуваат најдобрите играчи оваа година нема да се одржат.
Покарај сите лоши вести предизвикани од пандемијата, позитивна е веста од Европската пингпонгарска федерација која донесе одлука на сите клубови, без разлика во која лига се натпреваруваат, да им се овозможи учество во соодветните натпреварувања во рамките на европските купови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

