МЗТ Скопје: Сите тестови се негативни на Covid-19

Тестирањето на сите кошаркари во таборот на МЗТ Скопје по позитивниот случај на еден член на стручниот штаб донесе добра вест за аеродромци, сите тестирани се негативни и наскоро ќе се вратат во тренажен процес во пресрет на стартот на сезоната.

„По информацијата за позитивен тест на член на нашиот стручен штаб, управата утринава организира итно тестирање на сите кошаркари, тренери и друг персонал, со цел да се утврди дали уште некој е носител на коронавирусот. Предмалку ги добивме резултатите, кои велат дека сите 22-ца тестирани се негативни на Ковид-19, што значи дека остануваме само на еден позитивен, кој веднаш по појавата на првите симптоми е во изолација. МЗТ Скопје Аеродром останува во контакт со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, како и при максимално придржување на мерките на безбедност, кои предвидуваат редовна хигиена, држење дистанца и носење заштитна маска“, објавија од редовите на шампионот.

Останува да се види каква е ситуацијата во Академија ФМП, каде во петокот исто така беше регистриран позитивен случај на Covid-19 кај еден кошаркар на прволигашот од Кисела Вода. Според изгласаниот протокол, доколку тимовите имаат до тројца заболени кошаркари ќе бидат третирани како повредени и натпреварувањето ќе продолжи. Доколку пак во една екипа има најмалку четири заболени, тоа ќе значи автоматски прекин на сезона.

Новата сезона од кошаркарскиот шампионат на Македонија треба да стартува следниот викенд.

Се вчитува...