Ракометната репрезентација на Македонија вечерва на домашен терен против Луксембург ќе го одигра премиерниот меч од квалификациите за пласман на Европското првенство кое во 2024 година ќе се игра во Германија.
Ракометната репрезентација ја почнува својата нова епизода во која веќе нема да ги има Кирил Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов. Најдобриот ракометар во историјата на нашата држава ќе има нова задача како селектор да создаде тим кој и во иднина ќе биде фактор на ракометната мапа не само во Европа туку и во светот.
„Ситуацијата во репрезентацијата допрва ќе ја видиме каква е. Треба да се каже, да се нагласи дека ова е нова репрезентација на Македонија. Сосема различна од претходната. Еве тука сме без Миркуловски, Стоилов, Лазаров. Доста подмладена со неколку поискусни играчи кои што биле дел од оваа репрезентација, но тоа се играчи кои немале некоја позначителна улога. Секогаш биле тие што помагале, кои биле додадена вредност, но немале главна улога. Го селектирав овој список да можеме да градиме еден нов систем кој веќе го градиме, да го доградиме. Имаме добра репрезнтација, играчи кои преферирам да играат во два правци. Ќе пробаме да играме еден нов, модерен ракомет. Нема да биде исто. Ќе пробаме да го смениме и системот и начинот на игра“, истакна Лазаров.
Околу денешниот прв противник Луксембург, селекција што важи за аутсајдер во групата, Лазаров предупредува дека никако не смее да се потцени.
„Во денешно време ниту еден противник не смее да се потцени, така и Луксембург. Имаме доста материјали за нив. За Луксембург можам да кажам дека ние сме фаворити на хартија, но тоа треба да се оправда. Ќе се подготвме добро, ќе бидам внимателен. Задоволен сум од тоа што имам. Се надевам дека ќе бидеме здрави“, изјави селекторот Лазаров.
Македонија на овој меч покрај повредениот Дејан Мансков нема да смета ниту на Мартин Томовски, Костадин Петров, Марко Митев и Михајло Младеновиќ. Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА