Македонскиот селектор Кирил Лазаров истакна дека нашата репрезентација ќе мора да извлече поуки од натпреварот со Норвешка и максимално да се фокусира на следните два натпревари против Холандија и против Аргентина, кои и пред почетокот на СП 2023 беа наша цел.
Лазаров нагласи дека убедливиот пораз од Норвежаните е последица на големиот број технички грешки, што е недозволиво кога се игра против една од најдобрите светски селекции и натпревар од ваков ранг.
„Сакам да му честитам на противникот за заслужената победа. Норвешка е една од најдобрите четири репрезентации во светот, и навистина им посакувам многу успех на ова првенство. Ние одигравме добро низ почетните 20 минути, но кога се игра против тим како Норвешка секако потребна е квалитетна игра низ целиот меч. А, ние направивме премногу технички грешки. Моите асистенти ми соопштија дека имавме 17 технички грешки, што е навистина недозволиво кога се игра на натпревар од ваков ранг. Мора сега да собереме сили за следните натпревари. Знам дека боли кога е 12 гола разлика, можеше да биде и меч со далеку помала гол-разлика, но на крај комплетно подпаднавме под играта на противникот“ – истакна македонскиот селектор.
Според Лазаров сега следи фокус на мечевите кон кои и пред почетокот на првенството беа насочени нашите погледи…
„Сега ни следи одмор, и мислам дека ќе бидеме подобри на следните натпревари. Холандија е секако извонреден тим, но ние имаме поголеми можности за позитивен резултат отколку против Норвешка. Ние ги знаеме нашите цели за ова првенство, и ќе се обидеме да дојдеме до далеку подобра игра и резултат против Холандија и против Аргентина“ – вели Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА