Холандската репрезентација импресивно го стартуваше својот настап на СП 2023, славејќи со двоцифрена разлика против Аргентина за широко отворање на вратата кон следната фаза од мундијалот.
„Лалињата“ беа задоволни по тој меч, но истовремено и претпазливи, јасно ставајќи до знаење дека очекуваат потешки партии, најпрвин против Македонија, а потоа и во третото коло против селекцијата на Норвешка.
„Не би рекол дека е изненадување што победивме со десет гола против Аргентина бидејќи одигравме навистина, навистина добар натпревар. Знаеме дека Македонија има добра екипа, тие имаат искусни ракометари кои имаат одиграно важни средби низ своите кариери. Нашиот фокус во подготовките беше на Аргентина, одиме натпревар по натпревар. Знаеме дека Македонија има квалитетни шутери од далечина, стилот на игра им е поразличен од оној на Аргентинците, можеби ќе ни биде за нијанска потешко, но верувам дека добро ќе се подготвиме и ќе стигнеме до посакуваниот резултат“, изјави Исо Слујтерс.
Самир Бенгханем важи за еден од најважните играчи во дефанзивната зона на денешниот противник.
„Одигравме добра одбрана против Аргентина. Брзиот напад секогаш е наше оружје, но против Аргентинците одигравме и моќна одбрана и затоа така убедливо победивме. Македонија е репрезентација што според големината на играчите, но и според стилот на игра помалку ни одговара. Сепак, верувам дека ќе се прикажеме во добро светло и ќе стигнеме до триумф“, истакна Бенгхамен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА