Македонската ракометна репрезентација, како и секогаш, и оваа година на Светското првенство 2023 во Краков имаат безрезервна поддршка од „Фалангата“ која единствено за националните бои го живее ракометниот јануари.
Навивачите пристигнати во Краков дефинитивно заслужуваат многу повеќе борба, жар и желба за игра од македонските репрезентативци на терен, од она што го демонстрираат на претходните два натпревари со Норвешка и Холандија. Ништо повеќе. И поразите можеби и не болат толку за македонските фанови, колку што боли начинот на кој се доживуваат.
Свесни се за тоа и во репрезентативниот табор кои за денешниот натпревар со Аргентинците најавуваат дека ќе мора да соберат сили за максимално издание со сета своја жар во себе да се дојде до триумфот.
„Ние ја имавме улогата на аутсајдери во групата и во пресрет на овој мундијал, базирано на рејтингот на сите репрезентации кои се дел од нашата група. Не е страшно да се загуби, но мора да научиме да биде тоа со поголема борба, жар и желба во играта… Имаме прекрасна поддршка и од трибините од нашите навивачи, и ќе се обидеме денеска да им возвратиме максимално и да се обидеме да им подариме победа која ќе ги израдува. Навистина го заслужуваат тоа“ – вели капитенот на македонската репрезентација, Никола Митревски.
Натпреварот меѓу Македонија и Аргентина, одлучувачки околу пласманот во главната фаза од СП 2023, стартува од 18 часот во „Таурон арена“ во Краков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА