Шведска е најновата репрезентација што на едно коло до крајот на втората групна фаза обезбеди учество во четвртфиналето на ракометниот мундијал. Ко-домаќините вечерва со одличен меч славеа над селекцијата на Исланд, триумф со кој го обезбедија едно од првите две места во групата. Кај Исланд се почувствува неиграњето на Арон Палмарсон, кој се повреди пред овој натпревар, а Швеѓаните предводени од одличниот голман Паличка на почетокот од второто полувреме се одлепија, а до крајот на мечот ја сочуваа предноста за заслужена победа на овој натпревар, на кој одлично правдата ја делеа македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Покрај извонредниот Паличка со 11 одбрани на голот, главни адути на Швеѓаните во овој триумф беа Пелас со осум и Екберг со шест погодоци, додека најефикасен кај Исланѓаните беше крилниот ракометар Елисон со осум гола од девет обиди.
Полска бодрена од фанатичната публика во „Таурон Арена“ во Краков славеше над Црна Гора со резултат 27-20, со што Полјаците во последното коло против Словенија ќе решаваат за третото место во групата. Једрасчик со шест и Сичко со пет гола беа први стрелци во таборот на Полска, додека Милош Вујовиќ со шест погодоци беше единствениот расположенз за игра во напад во таборот на Црна Гора.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА