За само нешто повеќе од 40 часа веќе распродадени се билетите за натпреварот меѓу Македонија и Англија, последен од квалификациите за ЕП 2024 кој на 20. ноември од 20:45 часот се игра на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Според информациите од официјалниот продажен дистрибутер веќе комплетно се распродадени 95% од билетите, а останати се уште само мал дел за Западната трибина. Северната трибина комплетно била распродадена во првите 24 часа откако беа пуштени во продажба билетите за квалификацискиот натпревар.
Единствено не беа пуштени во продажба билети за Источната трибина која е резервирана за гостински навивачи. Се очекуваат меѓу 1.000 и 2.000 англиски навивачи да присуствуваат на натпреварот на „Тодор Проески“.
Па, согласно последните продажни информации на дуелот меѓу Македонија и Англија се очекува присуство на околу 30.000 навивачи.
Македонија најпрво во петок, 17. ноември, гостува на Италија на дуелот кој ќе се игра на „Олимпико“ во Рим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА