Вистинско македонско фудбалско шоу на натпреварот меѓу Кишварда и Ујпешт во 17. коло од шампионатот на Унгарија, во кој Марио Илиевски и Бобан Николов беа творци на сите четири гола за триумф на Кишварда од 4-0.
Младинскиот репрезентативец Илиевски постигна два гола и асистираше за третиот гол, а четвртиот гол на мечот беше вистинско ремек дело на Бобан Николов кој, пак, асистираше за првиот гол на Илиевски, и полека се враќа во посакуваната форма по долгата пауза од терените.
Илиевски прв ја почна македонската претстава, постигнувајќи прекрасен погодок во 34. минута по одлична акција на домашните и асистенцијата на Николов за водство на полувремето од 1-0 на Кишварда.
Илиевски во 47. минута извонредно асистираше и за вториот гол на својот тим кој го постигна Навратил за водство од 2-0.
Веќе во 53. минута втор гол за Илиевски сега на асистенција на Навратил.
Конечните 4-0 ги постави Николов во 68. минута со вистинско ремек дело и извонреден евро-гол со волеј удар од 18 метри.
Илиевски настапи до 73. минута на дуелот, а Николов играше до 80. минута кога добија заслужен одмор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

