Дамјан Шишковски потпишува за ерменски Арарат!

Македонскиот репрезентативен голман Дамјан Шишковски својата кариера ја продолжува во Арарат од Ерменија, дознава ЕКИПА.

28-годишниот Шишковски по три и пол години на голот на Докса се раздели со кипарскиот прволигаш, одлучувајќи да прифати нов интернационален предизвик во својата кариера. Како што дознава ЕКИПА, Шишковски е пред потпис со второпласираната екипа во ерменскиот шампионат Арарат-Ерменија кој сезонава се бори за титула и излез на европската сцена.

Шишковски вчера официјално се збогуваше од Докса истакнувајќи дека минал извонредни три години во клубот кој никогаш нема да го заборави.

„По три и пол години време е да се каже збогум. Сакам да се заблагодарам на претседателот, стручниот штаб и играчите на тимот. Ова е извонреден клуб и град каде бев одлично примен од сите и кој ми помогна да се развивам како играч и како личност. Но, фудбалот е таков, и сега е време за нов предизвик во мојата кариера. Овој клуб и овој град засекогаш ќе останат во моето срце. Ти благодарам Докса“ – објави Шишковски.

Дамјан Шишковски, кој потекнува од фудбалската школа на Работнички, претходно во својата кариера на интернационалната сцена настапуваше и за белгиски Гент, како и за финските Лахти и РоПС.

Арарат-Ерменија по 20 кола во шампионатот е на втората позиција, со шест бода заостанување зад водечкиот Пјуник.

Се вчитува...