Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас вчера и официјално промовиран во редовите на германскиот бундеслигаш Лајпциг. Нов предизвик за Елмас кој како вистинска ѕвезда е претставен деновиве и во својот нов клуб, но и во Бундеслигата!
Официјалниот сајт на Бундеслигата преку поопширна сторија го претстави Елмас пред германската фудбалска јавност опишувајќи го комплетниот негов фудбалски пат, започнувајќи од Работнички, преку Фенербахче па се до Наполи каде минатата сезона го освои Скудетото.
Не е заборавен, при описот, ниту победничкиот гол на Елмас против Германија во квалификациите за СП 2022 во Дуисбург за 1-2, но не се заборавени ниту неговите мајстории во италијанскиот шампионат.

Бундеслигата го спореди македонскиот „дијамант“ и со актуелниот германски репрезентативец Јонас Хофман кој е лидер на Баер Леверкузен низ досегашниот дел од сезоната со пет гола и седум асистенции.
„Елмас е со неверојатна контрола на топката, одлична перцепција на теренот со мајсторски за клучни додавања во важни моменти од мечот, а со супер брзите нозе секогаш расположен и за голови. Едноставно, стил на игра кој е и тоа како сличен со актуелниот играч на Баер Леверкузен и германски репрезентативец, Јонас Хофман“ – пишува официјалниот сајт на Бундеслигата во описот на Елиф Елмас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

