Мартин Томовски на крајот од сезонава ќе го напушти таборот на Вардар и ќе се врати назад во Бундес-лигата, откако македонскиот репрезентативен голман денеска потпиша едногодишен договор со Потсдам.
Станува збор за клуб кој успеа да влезе во Првата лига, па Томовски ќе има можност повторно да брани во елитното германско ракометно друштво откако пред Вардар настапуваше за тимот на Лудвигсхафен. Македонецот би требало да биде прв голман во Потсдам, ако се знае дека доаѓа како замена за Ласе Лудвиг, кој летово ќе го напушти овој тим.
„Црвено-црните“ се обидуваа да го задржат одличниот чувар на мрежата во своите редови, но на крајот пресудна се покажа желбата на Томовски повторно да биде дел од најсилната лига во ветот.
„Со нетрпение го очекувам моето доаѓање во Потсдам за да можам по вторпат да заиграм во најдобрата лига во светот. Сега сум повозрасен и поискусен отколку кога првиот пат бев дел од Бундес-лигата. За мене е големо задоволство што доаѓам во тим како Потсдам, со голем број млади и исклучително талентирани ракометари. Можам да ветам дека ќе дадам се од себе за да ги оствариме амбициите што ќе бидат зацртани“, изјави Томовски за клупската веб-страница на неговата нова екипа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА