Данска супериорна и во дуелот со Норвешка

Ракометарите на Данска со максимален ефект ја завршија групната фаза од ОИ во Париз откако избраниците на селекторот Јакобсен вечерва полесно од очекувањата ја совладаа Норвешка со резултат 32-25. Се очекуваше Норвежаните да дадат посериозен отпор на данските ракометари, но наместо тоа можеше да се проследи апсолутна доминација на Данците, кои сериозно се наметнуваат како главни фаворити за златниот медал.

Одбраната на чело со голманот Нилсен им создаваше проблеми на Норвежаните од самиот почеток, додека во нападот Данска одигра беспрекорно како и на досегашниот дел од олимпискиот турнир. На полувреме се замина со предност од 17-12 за Данците, позитива што фаворитот дополнително ја зголеми до конечните 32-25.

Нилсен беше одличен на данскиот гол со 15 успешни интервенции, Питлик беше најефикасен со девет гола, додека Гидсел го заврши мечот со скромни за него три погодоци. Најефикасен во таборот на Норвешка беше Рајнкинд со шест гола.

Судии на овој натпревар беа Македонците Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кои и вечерва одлично си ја завршија работата, по што нема дилема дека ќе продолжат да ја делат правдата и во нокаут-фазата од олимпискиот турнир.

Се вчитува...