Зорман горд на играчите: По месец и пол не си ги виделе семејствата, а овде гинат за Словенија

Словенија е вистински хит на ракометниот турнир на Олимписките Игри во Париз откако оваа селекција на одличните настапи во групната фаза се надоврза со моќно издание во четвртфиналето против Норвешка, меч во кој Словенците доминираа од почеток до крај и стигнаа до првото олимписко полуфинале.

Селекторот Урош Зорман заслужува само комплименти за начинот на кој ја има воиграно словенечката машинерија, а во изјавата по синоќешниот дуел Зорман ги пофали своите избраници за залагањето.

„Секогаш велам дека не е потребна дополнителна мотивација за било кој натпревар, кога се игра за својата земја секогаш се дава се од себе. Во овие две и пол години откако јас сум селектор, секако дека сме имале лоши натпревари, но никогаш не се случило да не сме мотивирани, да не дадеме се од себе. Овие играчи по месец и пол ги немаат видено семејствата, би било грев да не дадат се од себе на секој меч, затоа се овде и гинат за Словенија“, изјави Зорман.

Следниот противник е уште потежок, Словенија во полуфиналето ќе се сретне со селекцијата на Данска, која е главен фаворит за златото.

„Ова е наш турнир, го чувствуваме тоа. Играме се подобро на секое наредно големо натпреварување, прекрасно е да се биде Словенец во период на ваков успех. Пред нас сега е полуфиналето, ќе треба брзо да ја заборавиме Норвешка и да се фокусираме на следниот ривал. Тоа ќе биде како ново финале за нас“, порача словенечкиот кормилар.

Се вчитува...