Данска е во финалето, Словенија предоцна се разбуди

Ракометарите на Данска ќе се спротивстават на Германија во големото финале на ОИ во Париз откако избраниците на Николај Јакобсен славеа во вечерашното полуфинале против Словенија со резултат 31-30. Словенците беа најпријатно изненадување на овој турнир, но ракометарите на селекторот Урош Зорман немаа сили за нов подвиг, предоцна се разбудија и не можеа да стигнат до израмнување во самиот финиш.

Скандинавската селекција фуриозно го отвори мечот со 0-3, а се што успеаја Словенците беше намалување на предноста на еден гол во неколку ситуации во првото полувреме. Сепак, Данска беше селекцијата што повторно доминираше пред крајот на полувремето и на одмор замина со убедливи 10-15. Избраниците на Зорман на стартот од вториот дел намалија на 16-19, но Данска повторно имаше одговор, не дозволувајќи долго разликата да се спушти под три гола.

Словенија конечно спушти на „минус два“ кога Мачковшек погоди за 29-31 на четири минути до крајот. Данска влезе во криза во нападот, а Јанц реализираше за 30-31 на една минута до крајот. Јакобсен побара тајмаут пред последниот дански напад, „црвено-белите“ најпрвин ја испуштија топката, но Гидсел ја прифати и успеа да изнуди пенал. Ферлин го запре обидот на Хансен од седум метри, Словенија тргна во последен напад, Влах беше фаулиран, а судиите и по ВАР-проверката не доделија пенал, туку девет метри. Мачковшек се обиде преку живиот ѕид, но шутираше и над гредата, по што Данска и дефинитивно со минимални 30-31 се пласираше во големото финале.

Гидсел беше запрен на четири гола, а најефикасен кај Данска беше Магнус Ландин со шест погодоци, пред Хансен со пет. Кај Словенија одлични беа Влах и Бомбач со по седум погодоци, голманот Ферлин имаше 11 успешни интервенции, но и тоа не беше доволно за да се земе скалпот на големиот фаворит.

Се вчитува...