Македонската ракометна репрезентација во ноември ќе ги стартува квалификациите за ЕП 2026, а избраниците на Кире Лазаров имаат добра можност веќе по првите две рунди да направат уште еден џиновски чекор кон ново учество на големите натпреварувања.
Новиот циклус го почнуваме со домашен меч против Естонија на 6 ноември, а четири дена подоцна гостуваме на Литванија, две селекции со кои имаме предност и во квалитетот и во реномето.
Згора на тоа, литванскиот национален состав ќе биде ослабен поради неиграњето на Јонас Тручановичиус. Големиот ас, кој во 2018 беше и европски првак со Монпелје, се рехабилитираше од повредата на коленото, но веќе објавил дека камбекот во репрезентацијата нема да го има до крајот на годинава, фокус ставајќи на влегување во топ-форма во дресот на својот клуб, бундеслигашот Штутгарт.
Покрај со Естонија и Литванија, македонскиот национален тим за ривал во групата ја има и Словенија, селекција со која ќе играме двомеч во март 2025 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА