„Седумка“ на Томовски на дебито за Потсдам

Потсдам на нашиот Мартин Томовски не успеа да стигне до триумф во првото коло од новата бундеслигашка сезона откако на домашен терен загуби од Битигхајм со резултат 26-28. Томовски летово го напушти Вардар и потпиша за Потсдам враќајќи се назад во Бундес-лигата, но уште на стартот е јасно дека македонскиот голман и неговиот тим ќе ги очекува жестока борба за опстанок.

Првото полувреме мина во израмнета битка, на одмор се замина со предност на гостите од 11-12, кои во вториот дел уште повеќе се одлепија резултатски. Потсдам успеа да се врати и да израмни на помалку од пет минути до крајот, но Битигхајм одигра поквалитетно во завршницата и стигна до триумф.

Томовски одлично го почна мечот, имаше 6 интервенции во првото полувреме, но потоа дојде и до пад кај него во вториот дел, па македонскиот репрезентативец го заврши натпреварот со седум одбрани и 25,9 проценти успешност. Тој беше заменет на десетина минути до крајот со Хелер, кој имаше две интервенции во финишот, недоволно за Потсдам да стигне до позитивен резултат.

Се вчитува...