Екипата на Силекс денеска од 14 часот ја очекува гостување против шампионот Струга ТЛ во 10. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Шефот на стручниот штаб на кратовци, Александар Васоски, вели дека се исполнети очекувањата на стартот од сезоната а сега токму пресметките со најдобрите екипи во лигата, како Струга ТЛ, треба да дадат нов импулс за продолжување во ист стил.
„Имавме еден позитивен старт, меѓутоа секако дека можевме уште повеќе. По мене, недостасуваа два до три бода на некои натпревари каде што бевме подобар противник. Мислам дека кога ќе земеме во глобала, можам да кажам дека беше успешен досегашниот дел од првенството“ – вели Васоски за официјалната страница на клубот, пред денешниот дуел со Струга.
„Струга е кандидат за титула. Секако дека имаме шанси и Силекс ќе се прашува на денешниот натпревар, бидејќи последните три натпревари на гостински терен даваат надеж дека екипата го разби тој комплекс од гостински терен и мислам дека имаме свои адути за да дојдеме до позитивен резултат против Струга ТЛ. Секако, кога мислам на позитивен резултат, мислам на победа, така да апсолутно максимално сме спремни и гориме од желба да покажеме добра игра со Струга“.
Статистички Силекс има втора најдобра одбрана во лигата.
„Радува фактот што екипата е доста компактна. Имаме одбрана, а кога мислам на одбрана не мислам само на голманот и последната линија, туку мислам на целиот колектив кој одлично се брани. Она што треба да го поправиме, тоа е секако концентрацијата пред противничкиот гол поготово во последната третина на теренот каде што шансите мора помирно да ги завршуваме. Пример, на натпреварот со Вардар каде што промашивме неколку зицери, на крај сепак победивме, меѓутоа пред тоа промашивме зицери. Исто и во натпреварот со Тиквеш каде што имавме три-четири одлични шанси. Мора да го подобриме тој дел од играта, шансите мора да ги завршуваме“.
ПРВА ЛИГА – 10. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Штип: ТИКВЕШ – ШКЕНДИЈА
Струга: СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС
Гостивар: БЕСА – ВАРДАР
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ГОСТИВАР
Струмица: АП БРЕРА – ВОСКА СПОРТ
Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКУПИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА