ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Тешка зима го чека Вардар, шампионскиот сјај од Струга се „пресели“ во Дебар Маало

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 10. КОЛО

Иако се игра само 10. коло од ПМФЛ, некои екипи како со нетрпение да го чекаат крајот на есенскиот дел од сезоната, да можат добро да пазарат зимава и да се вратат во целосен сјај. Прв кој би се согласил за вакво нешто е екипата на Вардар, која и натаму продолжува да разочраува со изданијата. И голман сменија, и сменија некои работи во тимот, но резултатите не се менуваат. Поразите и натаму се присутни, па најтрофејниот клуб го чека тешка зима. Ќе мора да се бараат други решенија, затоа што со овој играчки кадар и дефинитивно покажа дека не може да се носи со никого. Само две победи во првите 10 кола е премалку за еден колектив кој најавуваше консолидација и борба за висок пласман. А, ако нешто не се промени ни зимава, тогаш дефинитивно Вардар ќе мора да се соочи со битка за опстанок. А, таа ќе биде тешка со оглед на тоа како (не) игра Вардар. Дефинитивно криза го дрма „црвено-црниот“ тим. Беса со новиот тренер му го зеде скалпот на Вардар, иако во последно време воопшто не е тешко да се земе скалпот на најтрофејниот, сакале навивачите да признаат или не.

Криза го дрма и шампионот Струга ТЛ. После одличното издание против Вардар на „Арената“, следуваше бледо издание против Силекс. Или подобро кажано не можеа да го сопрат Усман Маронг, кој влезе во 60 минута и направи „дар-мар“во редовите на првакот. Две асистенции и еден гол, на крајот за убедлив триумф на кратовци во Струга. Шампионот го нема повеќе оној шампионски сјај. Не игра добро, а најавите се дека ќе дојде и до промени на клупата.

А, промени на клупата ќе нема кога е во прашање Работнички. „Романтичарите“ уште покажуваат дека имаат најдобро компониран тим. Без некои посебни звучни имиња, без помпа и без врева, но се на првото место. Го победија и до вчера „непобедливиот“ Гостивар, и сега тие останаа да бидат несовладани во првенството. Ако продолжат вака „романтичарите“ ќе има за што да се борат до крајот на сезоната.

Пелистер остана непоразен во дуелот со Шкупи, а Тиквеш против Шкендија. Овие два „кикса“ максимално одат во прилог токму на Работнички, кој сега остана осамен на  врвот на табелата. Академија Пандев, пак, имаше три бода против Воска, но тимот од Охрид се спаси во последните мигови, и извлече еден бод во меч во кој имаше два црвени картони.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО:  Усман Маронг (Силекс)

Иако играше само 30 минути во Струга, играчот на Силекс, Усман Маронг и дефинитивно го заслужи епитетот играч на колото. Најпрво асистираше за првиот гол, само една минута откако влезе на теренот, потоа сам постигна гол за 1-2, па асистираше до Игнатов за 1-3. Буквално самиот го победи шампионот, и тоа на негов терен, и затоа го понесе овој епитет играч на колото.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Александар Васоски (Силекс)

Кога ќе се победи Струга ТЛ, шампионот на негов терен со 1-4, тогаш е јасно дека вам ви припаѓа признанието тренер на колото. Васоски уште еднаш покажа дека е на добар пат со Силекс. Кратовци имаат супер тим, имаат екипа која ќе се бори за Европа, и тоа почна да го покажува и на гостински терен.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Марко Ѓорѓиевски (Силекс)

Играчот на Силекс и моментално најдобриот стрелец во ПМФЛ по 10 кола, Марко Ѓорѓиевски, постигна ефектен гол во дуелот против Струга ТЛ. Со „дар-мар“ низ одбраната, фудбалерот на Силекс успеа да стави печат на победата на својот тим на гостувањето кај шампионот.

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ 

Се вчитува...