Признание на УЕФА за фитнес тренерот Сашо Даневски

Националниот фитнес тренер на македонските фудбалски судии Сашо Даневски доби големо признание од Европската фудбалска федерација. Тој во седиштето на УЕФА во Нион во Швајцарија ќе го води специјализираниот курс на кој ќе присуствуват 35 женски фудбалски асистент судии од  цела Европа, на кој покрај стандардните фитнес норми ќе бидат спроведени и тестови за проценка на судиските вештини. Сите овие 35 асистент судии се кандидати да судат на Европското сениорско првенство што ќе се одржи идната година во Швајцарија.

Судењето на едно вака големо натпреварување како што е Европското првенство од судиите бара уникатна комбинација на физичка подготвеност, брзо донесување одлуки и ментална  цврстина, ни изјави Даневски пред патот за Нион. Овој курс, кој започнува денес, не е само  подготвување за  натпреварите туку и за уникатните предизвици кои доаѓаат во стресните средини. Програмата за женскките асистенти судии ја потенцира  важноста од  инвестирање во развојот и подршката на жените во фудбалот. Со стручни тренинзи и прилагоден режим на вежбање овие кандидатки ќе бидат подготвени да ги исполнат високите барања на Европското првенство, а со тоа и да постават нов стандард на женските судии во целиот свет.

На овој курс за жал не се повикани нашите најдобри, меѓународни асистент судии Вјолца Изеири и Елена Соклевска -Илиевски. Меѓутоа, најверојатно на Европското фудбалско првенство во Швајцарија ќе суди Ива Пројковска, која се наоѓа во групата на 20 елитни главни судии во Европа и која пред три месеци судеше на светското првенство во Колумбија, фудбалерки до 20 години.

М.М.

Се вчитува...