Шкендија денеска од 13 часот во 14. коло од Првата македонска фудбалска лига, на домашен терен ја пречекува екипата на АП Брера.
Посакуваат црвено-црните триумф со кој ќе се искачат и на врвот од првенствената табела.
„Добро ја анализиравме екипата на Брера и верувам дека тимот ќе го даде максимумот во желбата за победа. Против Работнички, иако не победивме, одигравме добар натпревар, создадовме доволно шанси да постигнеме гол, но затаи реализацијата. Веруваме дека сега против Брера и нападот целосно ќе профункционира“ – вели Зија Мерџани, и дополнува:
„Фитон Адеми се враќа во тимот и ќе биде дополнително оружје во нападот. Верувам во победа. Ова коло се игра и натпреварот на Работнички со Струга, па врз основа на тој исход, а со нашата евентуална победа над Брера, посакуваме да се искачиме на првото место“.
После мечот со Брера ќе следи и пауза поради репрезентативните активности, со доволно време за нова подготовка на тимот за продолжението од првенството.
„Во овој момент целиот фокус е на натпреварот со Брера. После тоа паузата ќе биде добредојдена за да се опоравиме, малку да се одмориме и да се надминат проблемите со повредените играчи пред последниот спринт од есенската полусезона“ – вели Мерџани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА