Македонскиот национален фитнес тренер Сашо Даневски, воедно и УЕФА фитнес тренер, единствен од нашата држава задолжен да се грижи за физичката подготвеност на фудбалските судии, доби значајно признание. Даневски, во наредните десет дена ќе биде дел од трочлениот фитнес тим на престижниот зимски семинар познати судии, организиран од Фудбалската федерација на Швајцарија на Канарските острови.
Сашо Даневски е поканет како еден од главните експерти и соработници за проценка, анализа и тренинг на најдобрите швајцарски судии пред новата фудбалска сезона. Оваа покана претставува уште една потврда за неговото веќе извонредно реноме во УЕФА и искуство во областа на судиската физичка подготовка. Како врвен професионалец, Сашо Даневски ќе има можност да сподели свои методи и техники кои се клучни за максимизирање на перфомансите на судиите на самиот терен.
Учеството на овој престижен семинар ја потврдува не само неговата експертиза, туку и репутација на македонската фудбалска судиска школа како значаен фактор на меѓународната сцена.
Да потсетиме, Сашо Даневски се грижеше за физичката подготвеност на најдобрите судии на последното европско првенство што се одржа во Германија.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА