Седлоски: Секој меч пролетва ќе биде финале за нас, очекуваме уште две-три засилувања!

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Гоце Седлоски со стартот на зимските подготовки денеска на брифинг со македонските медиуми организиран од раковдството на клубот истакна дека екипата е со сериозно променет играчки кадар за вториот дел од шампионатот низ кој секако главна цел ќе биде опстанокот во прволигашката конкуренција.

Седлоски нагласи дека тимот ќе се обиде и да го „нападне“ трофејот во Купот на Македонија, за што е најавата и на уште две до три нови засилувања.

„Секако наша цел е да го вратиме Вардар онаму каде што му е место, на врвот. Но, сезонава целта е да се избориме за опстанокот со една подмладена екипа во која има доста нови играчи. На почетокот на пролетниот дел играме со тешки противници, но секој меч за нас ќе биде еден вид финале на кое ќе мора да се докажуваме. Можеби е подобро да играш со посилните ривали на стартот. Речиси во сите екипи имаше доста промени, со квалитетни засилувања. Но, ние сме фокусирани само на нашата задача, ги знаеме своите цели, фокусирани сме само на нас и нашата игра“ – рече Седлоски, веднаш дополнувајќи:

„Ќе се обидеме да го ‘нападнеме’ и трофејот во Купот… Играчите се свесни за тоа и максимално подготвени за се што не очекува. Потребни ни се уште две-три засилувања во овој преоден рок кои се очекува да ги добиеме“.

Според најавите, „вардарци“ ќе тренираат во Скопје се до 18 јануари кога се заминува во Анталија каде што ќе одиграат неколку квалитетни пријателски натпревари. Во првиот натпревар на стартот на втората полусезона Вардар е домаќин на Шкендија на 16 февруари.

Се вчитува...