Исланд со лекција и за Египет, Норвешка во трилер меч подобра од Шпанија

Ракометарите на Исланд продолжуваат со одличните партии на Светското првенство кое што се игра во Норвешка, Данска и Хрватска. Откако во првата рунда имаа стоотстотен учинок Исланѓаните со голема победа ја стартуваа и главната фаза и со тоа направија голем чекор напред кон четвртфиналето.

Вечерва Исланѓаните во дуелот на двете непоразени репрезентации славеа над Египет со 27-24. Исланд во текот на целиот меч имаа предност, пред се благодарејќи на голманот Халгривсон кој имаше нова неверојатна партија и едноставно ги откажа „фараоните“. Покрај него Кристјансон со девет и Палмарсон со осум гола беа најефикасни кај Исланѓаните, додека кај Египет осум гола постигна Зеин.

Во вториот меч од вечерашната понуда Шпанија и Норвешка одиграа неверојатен натпревар во кој кодомаќините на шампионатот на крајот успеаја да слават со минимални 25-24. Грондал со седум гола беше најефикасен кај победникот, додека кај поразените Гарсијандија постигна шест гола.

Се вчитува...