Франција со победата над Холандија го осигура пласманот во четвртфиналето на СП 2025, на едно коло до крајот, во кое „триколорите“ за противник ќе ја имаат токму Македонија.
Дуелот меѓу Франција и Македонија ќе се игра в сабота во 20.30 часот, а од таборот на „триколорите“ јасно ставија до знаење дека планираат максимално да влезат во овој натпревар.
„Нема да мислиме премногу далеку, за четвртфиналето кога пред нас е Македонија. Наша цел е да одиграме максимално, особено ако се знае дека имаме ракометари кои се враќаат од повреди и им треба минутажа за да влезат во ритам. Полека, но сигурно ја креваме формата, но најважно е што почнавме да покажуваме за што сме способни“, изјави селекторот Гилјом Жил.
„Нема да потцениме никого на овој шампионат, Македонија игра добар ракомет и сигурно не смееме да помислиме дека ќе ни биде лесно. Се среќаваме со селекција што има свои силни страни, што ќе мораме да ги неутрализираме“, додаде Карл Конан, специјалецот за игра во дефанзива на повеќекратниот светски шампион.
„Секој сака да биде на теренот, да ги покаже своите квалитети. Дуелот со Македонија ќе биде добра можност да продолжиме да ја креваме формата пред нокаут фазата“, истакна Ејмерик Мин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

