Довчерашниот спортски директор на второлигашот Кожуф од Гевгелија Ристо Танев доби нова функција. Тој е поставен за генерален директор на грчкиот третолигаш АЕП од Поликастро, кој се натпреварува во Северниот регион на третите лиги на нашиот јужен сосед. Во текот на вчерашниот ден тој и официјално едногласно беше промовиран за директор од страна на раководните луѓе на клубот. Ристо Танев четири години со голем успех играше за Поликастро, во кој и ја заврши фудбаската кариера. По 10 години одново се враќа во овој клуб, но сега во друга улога.
„Моите најубави фудбалски денови ги минав во овој клуб во кој имам многу пријатели. Кога и да дојдам во Поликастро, кој не е многу далеку од Гевгелија, се чувствувам многу убаво, ни рече во телефонскиот разговор Ристо Танев. Сакам преку спортскиот портал „Екипа“ да им се заблагодарам на луѓето од клубот што ми ја дадоа довербата да бидам генерален директор. Се надевам дека нема да ги разочарам. Не чека многу работа. Целта и желба е единствена да бидеме шампиони на Третата лига Северен регион .Се надевам дека ќе успееме. Последен пат Поликастро беше шампион во сезоната 2002/2003 година кога јас бев дел од клубот како активен играч. Посакувам по 22 години пак да се радувам на титулата, но сега како директор. Во моментов Поликастро е втор на табелата, само со бод помалку од лидерот“, вели Танев.
Инаку Поликастро и Кожуф имаат одлични спортски односи, благодарејќи токму на Ристо Танев кој последните години беше „алфа и омега“ во гевгелискиот второлигаш во улога на спортски директор.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

