Хрватска е првиот полуфиналист на Светското првенство 2025 откако пред своите навивачи во вистински луд меч во четвртфиналето славеше против Унгарија со 31-30 (16-16), со гол во последната секунда од средбата.
Имаа Хрватите негатива од четири гола (26-30) на само пет минути пред крајот, а потоа следеше неверојатниот пресврт на кој малку кој можеше да се надева.
Драмата во Загреб најпрво почна кога со серија од 1-5 на пет минути пред крајот, Унгарија дојде до 26-30, по што многумина веќе пресметаа дека Хрватска ќе биде елиминирана во четвртфиналето.
Но, најпрво со серија од 3-0 домашните се вратија во игра на само две минути пред крајот, за максимално неизвесна завршница. Во тие моменти неверојатен беше голманот на Хрватска, Пешиќ кој успеа да одбрани три едноподруго напади на Унгарците враќајќи ја својата селекција во живот, а Шоштариќ, Мартиновиќ и Срна погодоција за 29-30.
Но, тука не заврши драмата во Арена Загреб. Нов нереализиран напад на Унгарците и на една минута до крајот израмнување (30-30) со голот од пенал на Главаш. Унгарците имаа 36 секунди за напад, не успеаја да реализираат, а потоа со гол буквално во последната секунда со голот на Шипиќ Хрватска дојде до победа од 31-30 и полуфинале на Мундијалот.
Најефикасен во победничкиот тим беше Главаш со шест гола, а Шипиќ и Срна запишаа по пет погодоци. Кај Унгарците се издвои Илиќ со осум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

