Нова драма во Загреб: И Франција со гол во последната секунда „летна“ во полуфинале

После драмата на првиот меч од 1/4 финалето помеѓу Хрватска и Унгарија, кој беше решен во последната секунда, стотинки решаваа за победникот помеѓу Франција и Египет.

Египет на четири секунди до крајот на мечот стигна до израмнување 33-33, меѓутоа веднаш Карабатиќ од центар шутираше, и топката влезе буквално на три стотинки пред крајот во мрежата. Судиите Начевски и Николов го признаа голот по прегледување на видео снимката.

Египет одлично се држеше, а натпреварот беше своевидна вртелешка кога станува збор за резултатот. Франција влезе во последните две минути со два гола предност, но Египет успеа да стигне, а потоа и неверојатен гол на Карабатиќ од центар во празниот гол за полуфинале на моќната Франција.

Мем и Ремили со по шест гола беа најефикасни кај Французите, а Хешам кај Египет постигна осум.

Франција ќе игра против Хрватска во полуфиналето во Загреб. Утре се двете четвртфинални натпревари Данска – Бразил и Португалија – Германија.

Се вчитува...