Србите „удрија“ по Вујо: „Човек кој го уништува угледот на ракометниот спорт“

Ракометниот сојуз на Србија се огласи со жестоко соопштение против поранешниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ.

Популарниот Вујо претходно претходно го критикуваше начинот на кој се води ракометот во Србија, па сите тие негови изјави сега наидоа на жестока реакција од РСС која не штедеше зборови да го зацрни неговото име.

„Ракометниот сојуз на Србија во последните денови неосновано се поистоветува со поединецот Веселин Вујовиќ, човек кој веќе две децении на секој начин го валка и го уништува угледот на нашиот спорт. Тој е човек кој без да избира средства се обидува да се наметне и да ја преземе српската репрезентација. Исто така, сакаме да ја информираме јавноста за вистината и да објасниме зошто никогаш ни бил селектор на нашата земја од таа 2006 година“ – велат во своето соопштение од РСС, притоа продолжувајќи:

„Не може и никогаш нема да седи на клупата на Србија некој што сакаше да намести и продаде натпревар на ЕП во Швајцарија, а на сето тоа ги натера репрезентативците! Епилогот на неговите „зделки“ е фактот што нашата земја засекогаш остана без двајцата од најдобрите светски голмани – Арпад Штербик и Данијел Шариќ. Поради Вујовиќ, чесните и исправени момчиња никогаш повеќе не сакаа да го носат дресот со најсветиот грб, туку беа принудени да играат за Шпанија и Катар. Тој човек што не ја почитува химната и знамето на нашата држава никогаш нема да биде на клупата на „Орлите“. Човек кој е склон кон тепачки, суспензии и валкани дела, кој толку пати не посрамоти, не може и нема да биде вклучен во работата на Ракометниот сојуз на Србија. И за сето ова, не е виновна ниту федерацијата, ниту претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, ниту која било институција во оваа земја, бидејќи селекторот на ракометната репрезентација секогаш и засекогаш го избира исклучиво Ракометниот сојуз на Србија. Своите фрустрации Веселин Вујовиќ може да ги искаже на други начини освен преку медиумите, оцрнувајќи ги сите институции во државата кои му дале се, а на кои тој им се „оддолжил“ со распродажби и предавство. Ракометната федерација на Србија уште еднаш сака да се огради од сите изјави и одвратни зборови на Вујовиќ, човек кој ниту еден момент не ја почитувал нашата химна, знаме или интегритет… А, слободата на говорот е неопходна, но само ако секој поединец застане зад своите зборови и во ниту еден момент не им наштети на другите луѓе, организации, а пред се спортот“.

Се вчитува...