Шкендија продолжи со одлични резултати во пролетната полусезона откако тетовскиот клуб славеше на домашен терен над Тиквеш со 1-0, зголемувајќи ја предноста на врвот на табелата што сега изнесува пет поени.
Можеби се очекуваше и поубедлива победа на денешниот дуел на тетовските црвено-црни, но тренерот Беќири е задоволен што е остварена основната цел – бодовите остнаа во Тетово.
„Натпреварите на кои бодовите се однапред запишани традиционално се многу тешки за играње. Секогаш излегува покомпликувано да победите тим што доаѓа без страв бидејќи нема што да загуби. Ние имавме свои шанси и порано да го решиме победникот, се доведовме во ситуација во финишот и да стравуваме, за тоа сме самите виновни, но севкупно гледано јас сум задоволен бидејќи ги освоивме трите бода“, изјави Беќири.
Тој предупредува дека борбата за титулата е долга, но смета дека е исклучително важно Шкендија овој втор дел од сезоната да го заврши на првото место, пред третиот круг од разигрувањето.
„Важно за нас е сега да останеме први, бидејќи тоа ќе ни донесе нешто подобар распоред при третиот круг. Не ги гледам резултатите на останатите тимови, најважно ми е како играме ние и дали победуваме на нашите натпревари. Задоволен сум од резултатите во оваа 2025 година, но не смееме да се опуштиме бидејќи има уште навистина многу до крајот на сезоната“, порачува стратегот на Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

