ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Вардар го „матираше“ Пелистер, срамно однесување на навивачите на Шкендија

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 25. КОЛО

Мат(о) во два потези на Вардар во Битола. На гостувањето на „Петар Милошевски“, Вардарци успеаја да дојдат до триумф благодарение на џокерот Роџерс Мато кој влезе во игра, и со два гола го матираше битолскиот тим. На полувремето беше 1-1, но на крајот Вардар дојде до златна победа од 1-3 во битката за опстанокот. „Црвено-црните“ и дефинитивно покажуваат сериозни амбиции и идната сезона да останат во прволигашката конкуренција. Сега битката за опстанокот уште повеќе се замрси со големата победа на Воска Спорт на гостувањето кај Гостивар. Гостиварци и дефинитивно го губат чекорот во битката за титулата после двата последователни порази, а има најави за промени во таа екипа, која важи за една од најдобрите кога станува збор за имињата, но на терен барем во овој пролетен дел тоа не се покажува. Силекс одново одигра нерешено со Тиквеш. Кавадарчани освојуваат бодови за опстанокот. Беса загуби од Работнички и сега е последнопласиран тим. Друштво му прави екипата на Брера, која загуби во Тетово. Ова коло беше прво после трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица, меѓу кои и фудбалерот на Шкупи, Андреј Лазаров. На сите мечеви имаше минута молк, дел од нив се решија средствата собрани од билети да ги донираат за Кочани. Но, во Тетово „пукна брука“ по СКАНДАЛОЗНОТО ОДНЕСУВАЊЕ на навивачите на Шкендија. Наместо минута молчење, фановите на тетовскиот клуб се решија да пејат националистички песни, притоа наштетувајќи му на својот клуб кој сега е под дисциплинска постапка, со можност да игра пред празни трибини или надвор од Тетово до крајот на сезоната. Неверојатни и срамни беа сцените на стадионот во Тетово, а ФФМ итно реагираше и сега ќе треба да изрече суспензија. Шкендија се огради од навивачите кои не го почитуваа молкот пред натпреварот, но тоа нема многу да им помогне во изрекување на суспензија.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО:  Роџерс Мато (Вардар)

Иако почна од клупата на дербито во Битола, сепак, Мато во вториот дел успеа двапати да стрела во мрежата на домашните, и така да му донесе голема радост на својот тим, и голема победа на Вардар во битката за опстанокот во ПМФЛ.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Клодијан Арбри (Воска Спорт)

Колку и ситуацијата во Гостивар да не е сјајна, сепак, според составот кој го има и кој играше против Воска, требаше и мораше да ги освои бодовите. Меѓутоа гостинскиот тим од Охрид направи „мало чудо“ и го изненади фаворитот, победувајќи го со 0-2 на негов терен. Со тоа оживеаја шансите на „оптишаната“ Воска Спорт дека може да опстане во ПМФЛ.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Роџерс Мато (Вардар)

Прекрасен гол на Роџерс Мато во Битола. Оној третиот беше ремек дело на крилниот фудбалер на гостите, за запечатување на победата од тешкиот терен во Битола. Мато се покажа како вистинско засилување за Вардар во пролетниот дел, и донесе златни три бода за својата екипа.

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ 

Се вчитува...