Новото правило на ФИФА за објаснување на судиските одлуки преку микрофон е дел од патент од Македонија заштитен уште пред две декади!

Светската куќа на фудбалот, ФИФА, и официјално донесе одлука од 1 јули оваа година да се стартува со примената на четири нови фудбалски правила, меѓу кое и правилото за опис на одлуките на судијата преку официјалниот разглас пред целиот стадион.

Ова софистицирано правило значи дека главниот судија, по консултација на ВАР-системот, ќе има обврска преку микрофон поврзан на официјалниот разглас на стадионот да ја објасни својата одлука пред навивачите на стадионот, но, на тој начин, и пред целиот ТВ-аудиториум.

Правило кое дефинитивно, на некој начин, е повеќе од интересно и за Македонија и македонскиот фудбал, ако се знае дека токму ова правило е дел од патент на долгогодишниот македонски фудбалски работник, Драган Томовски, поранешен директор на Вардар од периодот на неговите најголеми успеси на стартот на независна Македонија.

Токму оваа негова идеја дури од пред повеќе од две декади кога воопшто не се размислуваше ниту за ВАР-технологијата, е дел од заштитен награден патент од 2001 година, сега станува дел од правилата на фудбалската игра во светот.

„Моментите на дигитализирање на сите случувања на терен но и одлуката судиите во иднина да ги објаснуваат преку микрофон пред навивачите присутни на стадионите и пред телевизискиот аудиториум одредените понејасни одлуки за време на фудбалската игра, се запишани, предвидени и дадено до ФИФА уште во 2001 година во мојот патент. Во овој момент иако претходно не сакав воопшто тоа да се експонира навистина ми е драго што идеи на некој од Македонија сега се вметнуваат како нови правила во светски рамки. Што би се рекло, може да се каже дека ете сме можеби 20-30 години во размислувањата за освежување на фудбалската игра пред нив“ – вели Томовски.

Кореспонденцијата со ФИФА во 2001 година и доставениот патент за објаснување на нејасните ситуации и судиските одлуки преку микрофон

ДРАГАН ТОМОВСКИ СО НАГРАДА НА СВЕТСКИОТ САЕМ ЗА ИНОВАЦИИ ВО 2002 ГОДИНА

Овој патент за дигитализација на судиските одлуки и објаснување пред аудиториумот, Томовски го доставил до ФИФА уште во 2001 година, кога е почнат и процесот на разгледување за негова имплементација, иако во тоа време се уште далечно и за светските фудбалски аналитичари.

„Зошто од ФИФА не нагласуваат дека идејата потекнува од Македонија и покрај нашата кореспонденција во тоа време? Според мене, ФФМ треба да реагира поради себе и укажување на активната улога на Македонија во развојот на светскиот фудбал“ – вели Томовски.

Награден патент на Светскиот саем на иновации во Јужна Кореја во 2002 година

Драган Томовски токму за овој патент доби и бронзен медал на Светскиот саем на пронајдоци во Сеул, Јужна Кореја, во 2002 година. Тој патент беше единствен награден од патенти за кои немаше изработен прототип. Презентацијата на проектот тогаш во Сеул беше од страна на Ѓорѓи Филипопв, преку неговата агенција „Берин“, кој подоцна беше и Амбасадор на Македонија во Германија.

ДОСТАВЕНО ДО ФИФА И ПРЕДЛОГ РЕШЕНИЕ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ОДОЛГОВЛЕКУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО ВО СУДИСКИТЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА

Интересно, Драган Томовски, минатата година до ФИФА и УЕФА достави и нова идеја околу промена на судиските правила која нуди решение за еден од најгорливите проблеми на фудбалската игра за кој досега не се пронајде инструмент како решение, а тоа е оддолговлекувања на времето и симулирање.

„И покрај серија промени на правилата изминативе декади, веројатно најголем проблем е што не се најде модус, начин, модел играта да се заштити во делот на оддолговлекувања, симулирање или популарно наречено „крадење на време“. Сведоци сме веќе на играчи кои седнуваат на теренот (некогаш без причина), превиткувања и без удар од противникот што реално не може да се санкционира. Ова носи до намалување на темпото на игра, создавање нервоза кај фудбалерите, тренерите, гледачите, што некогаш води кон ексцеси. Значи во овој момент, во Правилата на фудбалската игра, не постои инструмент кој ова би го решил. Ваквите ситуации, според досегашните правила, предизвикуваат и недоверба кон судијата на натпреварот поврзана со неговото определување на време за продолжение, но и неговата одлуката за моментот на крај на мечот. Повеќе ситуации укажуваат на неправди и нееднаков критериум кон една од екипите, и покрај тоа што се согласно постоечките правила на фудбалската игра. Има бројни примери на фудбалските натпревари на кои еден тим е оштетен поради симулирање и постојани прекини на играта од страна на другите, или на примери на свирење крај од страна на судијата среде офанзивни акции кои се во тек, а поради наводно завршено време. Но, никој тоа време не го мери точно, што е оставено само на волја на судијата“ – истакна Томовски.

А, решението е…

„Моето предлог решение кое веќе е доставено до ФИФА и УЕФА е – САМО СУДИСКОТО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА КРАЈОТ НА НАТПРЕВАРОТ ДА СЕ ИГРА СО ЕФЕКТИВНО ВРЕМЕ. Да се мери со хронометар само активна игра во судиското продолжение! Ефектите од ваква промена можат да ги проценат само исклучително стручни и искусни лица кои ја познаваат „технологијата“ и филозофијата на фудбалската игра. Меѓутоа, мора да се знае дека ова решение се темели и на официјалните статистички мерења кои покажуваат дека (согласно показателите од Топ 5 лигите во Европа), во регуларниот дел од мечевите се игра ефективно само околу 50% од вкупното време. Токму затоа, екипите повеќе нема да размислуваат на симулирање во регуларниот дел затоа што ќе знаат дека тоа време ќе им се надополни двојно во судиското продолжение. Притоа, зошто само судиското продолжение на крајот од натпреварот да се игра со ефективно време? Затоа што ефективно време во продолжението на првото полувреме е апсолутно непотребно, бидејќи и статистички погледнато во 99% од натпреварите нема симулирање и задржување на игра во овој дел од еден меч. За ова, впрочем, нема никаков практичен мотив. Од друга страна, апсолутно сум против воведување на ефективно мерење време во тек на целиот натпревар бидејќи тоа дефинитивно би ја „убило“ душата на фудбалот“.

Според Томовски со едно вакво решение би се добиле серија бенефити за фудбалската игра.

„Да, ќе се добијат повеќе придобивки за фудбалот, меѓу кои секако главни се: Престанок на симулирања и „крадење време“ во регуларниот дел на натпреварот. Образложение: тренерите, посебно поквалитетните и поинтелигентните, веќе нема да бидат мотивирани да бараат играчите да симулираат, затоа што на тој начин „украденото“ време во продолжението ќе мора речиси двојно да го одиграат (податок од извршени мерења за ефективна игра) со што сами себе на тој начин би се казнувале; – Престанок на симулирања и сите видови „крадење време“ во судиското продолжение; – Поголема доверба кон судијата, со оглед на тоа дека тој нема да го одредува крајот на натпреварот туку времето транспарентно би се следело на семафорот; – Поголема спектакуларност на завршетокот на натпреварот со поголеми возбудувања кај гледачите кои ќе го следат времето на семафорите; – Позитивна промена на пристапот кон играта од страна на играчите и тренерите, кога ќе имаат точен увид во преостанатото време за игра; – Позитивно влијание на односот на играчите, посебно во делот на фер плејот, итн“ – истакнува Томовски.

„Со едно вакво решени дефинитивно би завршило времето на симулирање и останати видови ‘крадење време’ во целиот тек на натпреварот, а клубовите, играчите и публиката со поголема доверба ќе гледаат на судиите и судењето, а ако времето на крај се мери на семафорот прецизно ќе има далеку поатрактивни завршници. Секако, за спроведување на ова ново правило, клучно ќе биде воспоставување на квалитетен и праведен систем и критериуми за начинот на определување одлука на судијата за времетраењето на продолжувањето“ – вели Драган Томовски.

Се вчитува...