Прва „корпа“ за Инзаги: Осимен го одби Ал Хилал

Симоне Инзаги прифати огромна плата за да се пресели на кормилото на Ал Хилал, но трофејниот стратег сега се соочува со суровата реалност – најголемите „ѕвезди“ на светскиот фудбал е речиси невозможно да бидат убедени да се преселат во Саудиска Арабија.

Бруно Фернандеш го одби Ал Хилал уште пред Инзаги да биде промовиран во нов тренер, а италијанскиот стратег денеска ја доби и првата „корпа“, откако Виктор Осимен реши да ја отфрли можноста да се пресели во овој клуб. Наполи не сакаше воопшто да преговара со Ал Хилал, инсистирајќи клаузулата од 75 милиони евра да биде платена веднаш, но тоа не е толкав проблем за Саудијците како ставот на самиот фудбалер.

Осимен имал на маса понуда од 30 милиони евра годишно, но е решен да игра и за четири пати помалку пари, само за да остане во европскиот фудбал. Галатасарај тргнува во офанзива за да го откупи целосно неговиот договор со Наполи, понуди подготвуваат и Челси и Манчестер Јунајтед, се споменува дури и Јувентус, па интересно ќе биде да се види чии бои ќе брани Нигериецот во новата сезона. Тоа (речиси сигурно) нема да биде Ал Хилал.

Се вчитува...