Клуб од село со 800 жители пред титула во Шведска: Тренерот е директор во училиште, главниот скаут – поштар…

Фудбалска бајка се испишува во Шведска, каде на шест кола пред крајот лидер е тимот на Мјалби, кој има осум бода предност во однос на второпласираниот Дјургарден. Мјалби не само што е клуб што нема ниту еден трофеј досега во кариерата, туку станува збор за екипа што доаѓа од рибарско село со 800 жители, чиј тренер е директор во локалното училиште, а главниот скаут по професија е поштар.

Пред девет години Мјалби беше на работ на испаѓање во четвртата лига, тогаш со победа во последното коло успеа да се задржи во третата лига, за сезонава да испишува историја во шведскиот фудбал.

„Ако успееме да стигнеме до титулата, тоа ќе биде успех неспоредлив со било што друго во светот на фудбалот. Големината на клубот, парите со кои располагаме, условите што ги имаме… и покрај сето ова да бидеме пред сите останати клубови во Шведска е нешто неверојатно“, вели претседателот Магнус Емеус.

Поголемиот дел од играчите се родени токму во Мјалби или во околината, а вкупниот буџет на клубот е само една осмина во однос на буџетот на актуелниот првак Малме.

Пред неколку години беше изграден нов стадион со капацитет од 6.000 места, што е исполнет сезоава.

„Ако ја шутнете топката преку трибините, големи се шансите дека ќе стигне до Балтичкото море. Гостите можеби се изморени бидејќи мислат дека дошле до крајот на светот бидејќи кога ќе дојдете во Мјалби, можете да влезете на стадион или во морето, нема трето“, коментира со насмевка првиот човек на клубот.

Андерс Торстенсон порано играл во младинската школа на Мјалби, кратко време бил тренер, а потоа почнал кариера во војската. По враќањето на градот ја прифаќа понудата да биде директор во училиштето, почнува да советува и во фудбалскиот клуб, за на крајот да прифати да биде и тренер на првата екипа.

„Никој не може да ни го одземе она што го правиме, а ние сме најдобри во светот во она што е бесплатно… имаме подобар тимски дух од Реал Мадрид, подобро се подготвуваме за натпреварите од Манчестер Јунајтед“, порачува Андерс Торстерон.

Мјалби сезонава има 57 бода, што е рекорд во шведскиот фудбал по 24 одиграни кола и потребни му се уште 11 бода во преостанатите шест рунди за да го урне апсолутниот рекорд на елитното шведско фудбалско друштво.

Сепак, најважно од се е да се стигне до титулата, за оваа фудбалска бајка да има свој хепиенд…

Се вчитува...