Шведска е земја која има двајца фудбалски напаѓачи платени над 200 милиони евра. Само пред еден месец, Александар Исак го чинеше Ливерпул 145 милиони евра за трансфер од Њукасл, а Виктор Ѓокереш беше платен 75 милиони евра за да се пресели од Спортинг во Арсенал.
И, на крај, шведската репрезентација во квалификациите за СП 2026 синоќа беше тотално немоќна доживувајќи пораз од Косово на домашен терен од 0-1.
Токму најскапиот фудбалер во историјата на шведскиот фудбал, Александар Исак истакна по мечот дека играта која ја демонстрирале синоќа е срамна.
„Не знам. Ние играчите сме многу незадоволни. И како што реков, преземаме голема одговорност. Треба да се погледнеме во огледало. Никој не е поштеден. Ниту индивидуално, ниту како тим. И секако тоа ги вклучува тренерот и сите околу него. Но, ние не се мешаме во тие работи. Ова е голем срам. Да, Косово игра добро. Можеби се подобри отколку што мислите, но сепак мислам дека пред се ние мора да играме подобро со играчите што ги имаме“, рече Исак по натпреварот.
Швеѓаните на крајот беа испратени со жестоки свирежи, за што коментираше и Исак.
„Не е забавно. Не е забавно да те исвиркуваат. Во исто време, не можеш да побараш повеќе од тоа. Ужасно не успеавме. Жално е што сме во оваа ситуација“, рече играчот на Ливерпул и додаде:
„Штета. Повторно разочаравме. Играме лошо. Начинот на кој играме не функционира. Лоши сме индивидуално. Значи, тоа е комбинација од сè. Не знам што ќе правиме. Но, сè е премногу лошо“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

