Искусниот шпански тренер Рафа Бенитез, освојувач на Лигата на шампионите со Ливерпул во 2005 година, е новиот тренер на Панатинаикос, потврдија локалните медиуми.
Бенитез со денови беше во преговори со тимот од Атина, првите навестувања за соработка беа видливи веќе во претходните денови, а во недела навечер пристигна потврдата за завршената работа, па сега се чека само официјалното соопштение на Панатинаикос.
Бенитез ќе го замени Португалецот Руи Витори, кој беше заменет поради лош почеток на сезоната, на клупата на атинските „зелени“. Оттогаш, како привремено решение, го замени Христос Контис.
Грчките медиуми ги открија и најважните детали од договорот. Бенитез се согласи на договор од две и пол години, според кој, заедно со својот тренерски штаб, ќе инкасира пет милиони евра по сезона. Тој, секако, ќе го добие најголемиот дел од таа сума.
Прославениот тренер, освојувач на бројни европски трофеи, последен пат беше вработен во Селта во сезоната 2023/2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

