Рио Фердинанд се потсети на тешките моменти од 2015 година кога ја загуби сопругата Ребека по нејзината борба со ракот. Во емотивен разговор, тој призна зошто не можел да ја отвори својата душа дури ни на најблиските пријатели. Денес, Фердинанд се обидува да го промени начинот на кој фудбалерите зборуваат за менталното здравје и животните борби.
Ребека Фердинанд почина во 2015 година на 34-годишна возраст, само една година откако и беше дијагностициран рак. Иако примаше терапија и се надеваше на закрепнување, болеста се врати и се прошири на нејзините коски. Пет недели откако лекарите и кажаа дека нејзината состојба е терминална, таа ја загуби битката со болеста.
Фердинанд во тоа време беше член на Манчестер Јунајтед, но не зборуваше за тоа со никого од соблекувалната. Десет години подоцна, во интервју за „Тајмс“, тој го откри разговорот што го водел со Вејн Руни, кога двајцата отворено зборувале за личните борби што долго време ги криеле.
Фердинанд рече: „На мажите им е всадено – да не зборуваат“.
Денес, поранешниот англиски репрезентативец се обидува да го промени тој образец преку својот подкаст „Rio Meets“, каде што создава безбеден простор за гостите да разговараат за своите проблеми.
Вејн Руни, кој се појави претходно во емисијата, призна дека жали што не го поддржал својот соиграч во тоа време.
„Не само јас, туку и другите играчи размислувавме – зошто не направивме повеќе за да ви дозволиме да ни се отворите?“ – рече Руни.
За време на тој разговор, Руни дури призна дека верува дека би бил мртов ако немаше поддршка од неговата сопруга, Колин.
„Бев шокиран. Не очекував Вејн да биде толку отворен. Го видов во тешки ситуации. Заедно живеевме, споделувавме и дишевме фудбал, но многу работи што ми ги кажа тогаш – не ги знаев“ – рече Фердинанд по таа емисија со Руни.
Тој додаде дека е среќен што денешните играчи имаат повеќе простор да зборуваат за менталното здравје, што неговата генерација го немаше. Тој особено нагласи колку многу му значи тоа што неговите синови Лоренц (19) и Тејт (17), кои се во младинскиот центар на Брајтон, растат во време кога можат отворено да зборуваат за своите проблеми.
Тој, исто така, со тага се потсети на разговорите со Руни, Стивен Џерард и Мајкл Овен, во кои сите признаа дека во негово време немало култура на отвореност.
„Денес фудбалерите имаат најдобра можност да ја обликуваат својата приказна. Ова е најдоброто време. Мојата генерација го немаше тоа. Во тоа време не беше можно да им се каже на медиумите: „Се чувствувам многу лошо, можеби ми требаат неколку месеци одмор поради депресија. Имам работи што ме мачат дома. Се борам со алкохолот. Веднаш би се појавило во насловите и луѓето би рекле – што е ова? Би нè распнале“ – вели Фердинанд.
Фердинанд верува дека отвореноста би им помогнала на тимовите од тоа време да бидат уште посилни.
„Доколку можевме да бидеме поискрени и да разговараме за такви работи, искрено верувам дека тоа ќе нè направеше подобар тим“ – вели Фердинанд дополнувајќи дека во тоа време фудбалот едноставно не дозволувал ранливост.
„Луѓето ќе ни лепеа негативни етикети, ќе го менуваа целиот наш имиџ. Само погледнете ги Вејн Руни или Стивен Џерард – тие се воини, лидери кои можат да го извлечат тимот од бездната. Како би било тоа можно ако тогаш се сметаа за „слаби“?“
Фердинадин заклучи дека денешната генерација има можност да биде поискрена, поотворена и похумана – нешто што неговата генерација, за жал, мораше да го научи на потешкиот начин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

