Рафа Бенитез има нов клуб, ќе стане најплатен тренер во историјата на лигата

Рафаел Бенитез е подготвен за враќање на фудбалот откако трофејниот стратег ја прифати понудата за да застане на кормилото на грчкиот гигант Панатинаикос.„Зелените“ од Атина слаб ја почнаа сезоната и моментно се наоѓаат на седмото место на табелата, со осум бода заостанување зад лидерот ПАОК, што беше причина за палење на алармот и тренерска смена во овој клуб.

Бенитез беше прв пик на претседателот Јанис Алафузос, а првата рунда разговори се покажа максимално успешна. Екст-тренерот на Ливерпул, Реал Мадрид и Интер начелно ја прифатил понудата за договор до јуни 2027 година, но најверојатно ќе почне со работа од следната седмица, бидејќи се очекува до крајот на оваа недела да ги комплетира деталите околу преселбата во Атина.

Грчките медиуми најавуваат дека Бенитез ќе биде најплатен тренер во историјата на грчкиот фудбал откако ПАО се согласил да му даде плата од над четири милиони евра по сезона.

Ова ќе биде прв тренерски ангажман на 65-годишниот Шпанец по 19 месеци пауза, откако во март 2024 доби отказ од Селта Виго по слабите игри на овој шпански прволигаш кој забележа само пет победи на 28 меча под водство на Бенитез.

Се вчитува...