Репрезентацијата на Албанија обезбеди историски пласман во бараж за еден фудбалски мундијал откако вечерва славеше со 0-1 на гостувањето против Андора, што надополнето со поразот на Србија во Лондон знаечеше и сигурно второ место за Албанците во групата во овие квалификации. Аслани беше албанскиот херој на дуелот во Андора, постигнувајќи го победничкиот гол во 67. минута.
Португалија ноечекувано загуби со 2-0 на гостувањето против Република Ирска, со што е одложена промоцијата на нивниот мундијалски пласман до следиот меч, во кој се супер-фаворити на домашен терен против Ерменија. На тој дуел сепак ќе мора да се снаоѓаат без Кристијано Роналдо, кој доби директен црвен картон на денешниот меч во Даблин.
Англија го осигура првото место во групата и го потврди мундијалскиот билет со победата од 2-0 над Србија. Пауновиќ не успеа да приреди изненадување на селекторското деби на нашиот северен сосед, Сака беше стрелец на првиот гол во второто полувреме, а вториот во самиот финиш беше дело на „резервистот“ Езе.
Италија со многу проблеми славеше на гостувањето против Молдавија со 0-2 со головите на Манчини во 88. минута и на Еспозито во судиското продолжение, но „аѕурите“ ќе мора да играат бараж за мундијал бидејќи имаат огромно заостанување во гол-разликата во однос на водечката Норвешка.
Франција ја совлада Украина со 4-0, сите четири погодоци беа постигнати во второто полувреме, два беа дело на Мбапе, а по еден на Олис и на Екитике.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

