Кошаркарите на Пелистер мора експресно да го остават зад себе поразот од првиот меч со МЗТ Скопје и максимално фокусирании да влезат во вториот дуел од оваа полуфинална серија што е на програмата в недела.
Домашниот терен и поддршката од верните навивачи во салата „Боро Чурлевски“ ќе биде значаен адут во битката за победа, а кошаркарите се решени да прикажат уште подобра игра од онаа во „Јане Сандански“ во средата.
Според искусниот Бобан Стајиќ, брзата игра е она што може да му донесе на Пелистер позитивен резултат на неделниот натпревар.
„Може да се каже дека одигравме добар натпревар и во Аеродром, но за жал беше недоволно за триумф. МЗТ беше поприсебен во завршницата и тоа го одлучи натпреварот. В недела е нов меч, а ние сме решени да дадеме се од себе да стигнеме до триумф. Знаеме дека брзината е нашата предност и треба да продолжиме да играме така. Исто така, мораме да го градиме нашиот кош многу подобро од претходниот меч, да спречуваме офанзивни скокови на противникот и истовремено да ја отвораме нашата транзиција. МЗТ го одбрани домашниот терен, на нас е да го сториме истото и да се избориме за мајсторка“, вели Стајиќ.
Вториот натпревар од полуфинална серија меѓу Пелистер и МЗТ е закажан за недела со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
