Ристо Танев ја слави титулата на А.Е.П од Поликастро во Третата лига-север во Грција

Има зошто и да слави Ристо Танев од Гевгелија, генерален директор на клубот А.Е.П од малото гратче Поликастро во близина на македонската граница бидејќи неговиот клуб по 23 години по втор пат ја освои титулата, првак на Третата лига-север во Грција. Последен пат  А.Е.П беше првак во лигата во сезоната 2002/03 кога Ристо Танев беше активен играч четири години, две години и капитен.

Ристо Танев е познато фудбалско име во Македонија. Долго години играше за Кожуф, настапуваше и за Победа од Прилеп, Работнички, Напредок од Кичево и  Вардар од  Неготино.  До минатата година беше спортски директор на Кожуф но си замина во Поликастро пред оној скандалозен меч меѓу Кожуф и Башкими кога доби понуда од Грција за да ја врши улогата на спортски директор на А.Е.П.

Цела сезона без пораз

– Ова беше сезона за паметење на клубот, кој одигра 3о натпревари без ниту еден пораз, 28 победи и два нерешени меча, ни раскажуваше Ристо Танев во клупските простории на  А.Е.П. Мината сезона кога бевме на чекор до титулата, поради едно фрлено шише на теренот,  кое  погоди еден противнички играч на бараж мечот за титулата, го загубивме веќе добиениот натпревар со службен резултат и останавме без неа.

– Годинава не дозволивме никаков кикс, игравме навистина одлично. Јас добив нова функција, генерален директор со големи овластувања во избор на играчи и се друго што се однесува за клубот. А.Е.П назначи и нов тренер, поранешниот репрезентативец на Грција Сократис Фитанидис, ангажиравме и 14 нови играчи и успесите дојдоа. Поликастро има услови за фудбал. Стадионот се реновира, покрај него постојат три помошни терени, има и своја сала за кревење товар. Постои и А.Е.П Академија во која тренират 150 дечиња. Тие се иднината на клубот кој е добро организиран, не со голем но стабилен буџет бидејќи од новата сезона Третите лиги во Грција ќе бидат професионални.

Каде ке игра А.Е.П во новата сезона

Се уште не е познато каде ќе игра А.Е.П во новата сезона бидејќи во Грција во тек е реорганизација на фудбалски лигашки натпреваруња. Дали ќе се намали бројот на Третите лиги, бидејќи секој регион во Грција има своја, или пак ќе се зголеми бројот на Вторите лиги. Во секој случај, според зборовите на Ристо Танев, во новата сезона клубот од Поликастро има шанси да игра  со Ксанти, Аполон Каламарија, Докса Драма,Верија, Касторија.

Иако имам понуда да потпишам нов договор со клубот со иста функција, се уште немам донесено конечна одлука. Имам некои планови со семејството. Во секој случај понудата е отворена. Во текот на овој месец со тренерот Фитанидис се договориме да погледнеме некои натпревари на Кожуф и на клубовите од околните градови, сакаме да ангажираме и некој фудбалер од Македонија.  Навивачите  од Поликастро често доаѓаат во Гевгелија, Дојран и Струмица да гледаат фудбал, го завршивме разговорот со Ристо Танев.

  М.Мицковиќ

Се вчитува...