Лазаров: Силно верувам во овие момци, но мора и максимално да ја почитуваме Словачка

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска означи старт на подготовкит за претстојните бараж дуели против Словачка за пласман на Светското првенство 2027.

Првиот натпревар ќе се одигра на 14 мај во 19 часот во Прешов, Словачка, додека реванш бараж натпреварот ќе се одигра на 17 мај во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Селекторот Кире Лазаров истакна дека максимално сериозно мора да се пристапи на овој бараж, без ниту најмало потценување на противникот ако сакаме пласман на СП 2027.

„Мора да кажам дека силно верувам во овие момци кои имаат искуство за вакви натпревари, и покрај тоа што е сосема јасно дека, како одлучувачки два натпревари, се играат под голем притисок поради важноста на истите“ – истакна Лазаров на денешниот собир, веднаш дополнувајќи:

„Но, носиме огромен респект за противникот. Во Прешов има и извонредна публика која е ракометно фанатична, и свесни сме дека ќе биде тежок натпревари. Ја знаеме и лекцијата од претходниот бараж и дуелот со Фарските острови, па затоа на гостински терен мора да бидеме дисциплинирани, борбени и максимално одговорни“.

Македонскиот селектор ја повика и домашната публика да ја наполни салата за реваншот на 17 мај како би се избориле за место на СП 2027.

„Очекувам полна сала на реваншот во Скопје, и максимална поддршка од трибините, па да дојдеме до Мундијал. За нас како спорт Мундијалот секако значи многу, а тука е потоа и желбата за Олимписките игри“ – вели Лазаров.

Се вчитува...