ДВА ЕКС-ШАМПИОНИ СЕ СЕЛАТ ВО ВТОРА ЛИГА: Работнички и Македонија ЃП се збогуваа од елитата!

Четирикратниот шампион Работнички на две кола до крајот на првенството и дефинитивно од следната сезона се сели во Втората лига, по ремито од 2-2 во 31. коло на гостувањето против АП Брера во Струмица. Но, тоа не им беше доволно на „романтичарите“ да се изборат за надеж за опстанок во последните две кола.

Во Втората лига следната сезона се сели уште еден екс-шампион, Македонија ЃП по поразот дома од 1-4 од екипата на Тиквеш.

А, уште во 1. минута, односно по само 28 секунди, „романтичарите“ дојдоа до водство од 0-1 со голот на Хоџа.

Сепак, веќе во 3. минута Никола Величковски израмни на 1-1 за Брера…

И, потоа целосен пресврт на домашните фудбалери. Во 31. минута и втор гол на мечот на Величковски за предност од 2-1 на Брера.

Величковски имаше можност и за хет-трик, но во 45. минута не успеа да реализира удар од белата точка.

И, во второто полувреме кога се чинеше дека Брера ќе ја однесе победата, посебно и по исклучувањето на Белица во 65.минута кај гостите, Работнички, сепак, успеа да дојде до израмнување со голот на Бошњаков во 85. минута. Но, тоа не им беше доволно да се надеваат на опстанок во последните две кола.

На останатите два денешни натпревари од 31. коло во ПМФЛ, Тиквеш победи со 1-4 на гостувањето против Македонија ЃП и ги испрати „лавовите“ исто така во Втората лига. Стрелци на головите за Тиквеш во првиот дел беа Окере и Сила, а во вториот дел Сила запиша уште еден гол, како и Лучиано за заокружување на победата на кавадарчани.

А, Арсими ремизираше (1-1) на дуелот со Башкими. Гафури во првото полувреме ги донеше домашните до водство, но во 71.минута Башкими дојде до бод со голот на Мемети.

Се вчитува...